ЈЗУ Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберкулоза Лешок пружа услуги од областа на интерната медиција-пулмологија. Дијагностичките процедури кои се нудат во амбулантскиот и болничкиот дел на установата неопходни за дијагноза и следење на болните со белодробни заболувања и туберкулоза се:
СПИРОМЕТРИЈА–ИСПИТУВАЊЕ НА БЕЛОДРОБНАТА ФУНКЦИЈА
При испитување на белодробната функција се врши:
- Одредувањето на проток волумен кривата значајна за рано откривање на најчестите хронични респираторни заболувања како хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), хроничен опструктивен бронхит, белодробен емфизем и астма.
- Бронходилататорен тест со кој се проценува реверзибилноста на опструктивните промени во дишните патишта
ПУЛСНА ОКСИМЕТРИЈА
За одредување на сатурацијата со кислород на крвта
ПРЕГЛЕД НА БЕЛ ДРОБ СО УЛТРАЗВУК (ЕХОСОНОГРАФИЈА)
Со ултразвучен преглед се дијагностицираат промени во плеврата и белиот дроб. Плевралните изливи се третираат дијагностички и тараписки односно се реализира:
- Дијагностичка плеврална пункција под ехо
- Тераписка евакуација на плеврална течност
РЕНДГЕН ДИЈАГНОСТИКА НА БЕЛ ДРОБ
Рентген дијагностиката како основна метода во пулмологијата се реализира преку
- Изработка на рентген графии во постеро- антериорен правец и профил
- Интерпретација на рентгенолошкиот наод
ЕЛЕКТРОКАРДИОГРАМ
Болницата располага со повеќе ЕКГ апарати лоцирани на болничките оддели и амбулантата. Методата рутински се користи за проценка на функцијата на кардиоваскуларниот систем
ЛАБОРАТОРИСКИ УСЛУГИ
Болницата располага со биохемиска лабораторија во која се реализираат услуги од Лу 1 листата и тоа: хематолошки статус (седиментација на еритроцити, крвна слика со диференцијална крвна слика), уринарен статус, глициден статус, липиден статус, деградациони продукти, ензимски статус, и електролитен статус.За сите дополнителни испитувања се користи биохемиската лабораторија на Клиничката болница во Тетово.
Во дел од лабораторијата се работи бактериолошка дијагноза и следење на туберкулоза. Од бактериолошките анализи за дијагноза и следење на туберкулоза се користи директна микроскопија по методата Ziehel-Neelsen со која се одредуваат ацидоалкохоло резистентни бацили во искашлок и друг биолошки материјал.
Сите дополнителни и пософистицирани испитувања кај лицата со туберкулоза се реализираат во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје.
ИНХАЛАТОРНА ТЕРАПИЈА
Инхалаторната терапија наоѓа примена пред се во лекување на болести на дишните патишта и белиот дроб. Се применува кај хоспитализирани пациенти. Се реализира во болничките соби до креветот на пациентот.
ОКСИГЕНОТЕРАПИЈА
Болницата располага со повеќе концентратори за кислород кои се користат во болничкиот дел.Кислородната терапија се применува кај лица со ниска сатурација на кислород во крвта и е една од основните тераписки постапки.